Истражување

Само 1% од учеснците во судските постапки ослободени од трошоци

24.06.2021 15:46

Не сите граѓани можат финансиски да си дозволат да покренат постапка во суд. Понекогаш една просечна плата не е доволна да се покријат минималите трошоци. Ова го покажува истражувањето на Коалицијата „Сите за правично судење“, спроведено во последните две и пол години...

Само еден насто од учесниците во судските постапки биле ослободени од трошоците. Ова го покажува истражувањето на Коалицијата „Сите за правично судење“, по анализа на состојбите во десет судови во земјава. Причина за ова е неинформираноста на ранливите групи граѓани за можноста да користат бесплатна правна помош, но и ограничениот буџет што го издвојува државата за оваа намена.

Дури 52 насто од сите спорови во државата се тужби меѓу граѓаните и фирмите, покажало истражувањето, а најмногу предмети се судат во скопскиот Граѓански суд.

Она што загрижува е фактот дека судовите не се прилагодени на потребите на лицата со попреченост. Меѓу останатото, судот не доставува документи на брајово писмо за лицата со оштетен вид.

Експертите велат дека примена на утврдените стандарди за фер и правично судење кои постојат во домашнатата легислатива се од исклучителна важност за да се обезбеди посакуваното ниво на правичност во постапките.

 

Анита Димитријевска Велковска