Топол бран

Македонија во портокалова фаза, зголемен број повици во итната помош

24.06.2021 16:16

Денеска и утре целата територија на земјава ќе биде зафатена со температури од портокалова фаза. Се очекува наместа температурата да достигне и 40 степени. Зголемен бројот на јавувања во итната медицинска помош...

Македонија во портокалова фаза. Во метрополата измерени 40 целзиусови степени. Синоптичарите најавуваат повремена облачност и врнежи, но сепак, температурите остануваат високи и во наредите денови. Висок е и индексот на УВ зрачењето-9.

Зголемен бројот на јавувања во итната медицинска помош. Најчесто од пациенти кои имаат кардиоваскуларна болести. Не е мал бројот и на колапси и хипертензии. Сенките и разладување на фонтаните, спас од горештините.

Во сила е мерката за ослободување од работни обврски на бремените жени и лицата над 60 години. Во градинките не треба да се практикуваат физички активности и излегување надвор во периодот од 11 до 17 часот.

Мобилните тимови на Црвениот крст доставуваат вода на фреквентните места. Ги има и на граничните премини каде што транзитираат мигрантите.

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот апелира-возачите да бидат одморени кога тргнуваат на пат.

Остануваат препораките – да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа, да се користи крем со висок заштитен фактор.

Наташа Гркова-Петрушевска