МЗТ Скопје против Раднички сам ќе решава дали пак ќе игра во Еврокупот

Мартич: Ова ќе биде успех не само за МЗТ, туку и за македонската кошарка

24.03.2014 17:36

За дебито во Еврокупот на МЗТ Скопје Аеродром му беше потребна специјална покана, но аеродромци сега на паркетот можат да обезедат нова европска сезона.

И покрај саботниот пораз од лидерот Црвена Звезда во Белград, кошаркарите на нашиот првак сами решаваат. Победа в сабота дома против незаинтересираниот Раднички Крагуевац во последното коло од АБА Лигата ќе им обезбеди втор настап во Еврокупот. Тренерот Зоран Мартич е уверен дека неговиот тим ќе ја оствари целта.

„Отидовме во „Пионир“ со една желба, да направиме најмногу што можеме. Покажавме дека веќе не сме тим којшто игра добро само дома. И на гости одигравме неколку добри натпревари, така што се надевавме на најдоброто. За жал, не испадна како што сакавме. Сепак, има уште еден натпревар да одиграме. Би сакал токму овој последен меч во АБА Лигата да го завршиме со победа и на тој начин да ставиме печат на, според мене, успешната сезона“, вели Мартич.

Подготвен ли е МЗТ Скопје за завршниот лигашки предизвик во АБА?

„Сигурно, тоа ќе биде голема шанса. МЗТ е втора година во АБА Лигата и веќе може да заврши меѓу шесте најдобри екипи, секако ако го добиеме Раднички. Ние покажавме дека можеме да играме против сите. Имавме многу добри натпревари, имавме и падови, што е и нормално за тим којшто нема толку искуство во оваа лига. Ако не се лажам, и порано во бивша Југославија не сум сигурен дека некој македонски клуб имал подобар пласман од таа позиција. Во секој случај, ова ќе биде голем успех не само за МЗТ Скопје, туку и за македонската кошарка“, заклучува Мартич.