Европа

Разурнувачко торнадо на југоистокот од Чешка, опустошени седум населени места

25.06.2021 12:53

Разурнувачко торнадо ја погоди југоисточна Чешка. Агенциите јавуваат за седум опустошени населени места, однесени покриви, откорнати дрвја, подигнати автомобили во воздух, прекини во железничкиот сообраќај. Се проценува дека ветерот се движел со брзина од околу 322 километри на час. Погоденото подрачје се пребарува со дронови и хеликоптери...

Урнати куќи, оштетени згради, уништени автомобили, хаос низ улиците, прекин на електричната мрежа. Торнадото на југоистокот од Чешка зад себе остави непроценливи штети. Најмалку три лица загинаа, а десетици се повредени од силниот ветер што дуваше со брзина од 322 километри на час. Седум населени места во близина на границата со Австрија се опустошени. Во прекин сообраќајот со Словачка. Граѓаните во страв и неверување за исклучително реткиот феномен на европско тло.

„Сѐ се случи многу брзо. Доцна попладне облаците беа над небото, грмеше, а потоа вечерта се појави торнадото. Сѐ леташе во воздух“, изјави жител на село Хрушки.

„Нема куќа на оваа улица што не е погодена. Некои од нив се срушени целосно“, вели жител на село Моравска Нова Вес.

Во погодениот регион на терен е полицијата, војската и спасувачки екипи од неколку градови во земјата. Помош пристигнува и од Австрија и Словачка, а со дронови и хеликоптери се пребаруваат урнатите објекти.

„Бев во Хрушки и морам да кажам дека наликува на апокалипса. Луѓето полека се будат од ова страшно утро и нашата работа е, се разбира, да помогнеме што е можно повеќе“, изјави Јан Хамажек- министер за внатрешни работи на Чешка.

„Се обидуваме да го исклучиме ризикот од повредени лица, и оние кои што можеби се под урнатините. Сѐ уште трагаме“, вели Радек Мискарик- бригада за противпожарна заштита.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш синоќа ги прекина состаноците во Брисел и се врати во земјата. Засега е предвидена помош од 16, 5 милиони евра за санација на штетите и за итна финансиска поддршка на населението.

 

Маријана Димовска