Тимот на СДСМ ги збуни граѓаните, но и аналитичарите

24.03.2014 19:35

Професорката по уставно право Тања Каракамишева за МТВ објаснува дека во политиката, логично е лидерската структура на секоја партија да биде истурен играч кој ги предводи изборите и ја претставува изборната програма.

Промоцијата на тимот што за СДСМ ќе ги трча предвремените парламентарни избори ги збуни граѓаните. Затекнати се и аналитичарите. За некои понудата на најголемата опозициска партија е политички преседан, за други недостиг на квалитет во екипата.

Професорката по уставно право Тања Каракамишева за МТВ објаснува дека во политиката, логично е лидерската структура на секоја партија да биде истурен играч кој ги предводи изборите и ја претставува изборната програма. Вака вели таа, Заев и Шеќеринска се кријат зад помалку популарните, а сега поистурени сопартијци.

„Јавноста нема да знае на кој да ја препише одговорноста, нема да знае кој е креатор на програмата и кој да повика на одговорност ова е или политичка игра на лидерство во сенка или е врв на политичка хипокриза непозната во пошироката изборна практика“, вели Тања Каракамишева, универзитетски провфесор.

Експертите сметаат дека ваквиот потег на СДСМ може да доведе до пресвртница во две насоки- да биде увертира во создавање ново партиско раководство, или пак едноставно да значи затскривање на политичката одговорност.  Изјавите на СДСМ дека сепак Заев и Шеќеринска при евентуална победа ќе ја предводат Владата, за професорката Каракамишева нема никаква рационалност.

„Не можете да кажете дека ги истурате играчите на клучните позиции и потоа некој друг да дојде на одработеното да биде претседател на влада или носител на извршната функција. Затоа што политичките партии не се таму за да си ги одмерат внатрепартиските суети туку за интересите на граѓаните и на државата“, објаснува Каракамишева.

Рената Дескоска, Петре Шилегов, Маријанчо Николов, Хари Локвенец, Васко Kовачевски и Стојко Пауновски ќе бидат носители од СДСМ на шесте изборни единици за парламентарните избори на 27 април. На чело на листата за првата изборна единица ќе биде Рената Дескоска која ќе си ги одмери силите со Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Соња Јованова- Наумовска