Патувања

Античкиот град Олимпос

28.06.2021 12:31

Опкружени со ѕидини и кули кои се изградени во средниот век, во Олимпос се уште стојат и сведочат за славното минато на овој богат трговски град: портата на храмот, театарот, јужната и северната некропола, црквата, влезниот комплекс, саркофагот, монументалните гробници на пристаништето, пристанишната базилика, населбата на јужната падина, бањата со мозаични тротоари и агората.

Античкиот град Олимпос се наоѓа во близина на градот Кемер, во провинцијата Анталија, на медитеранскиот брег на Турција. Бројните туристи во овој дел на Турција кои на лето, пред сѐ, доаѓаат поради плажите и тиркизното море, своето туристичко искуство можат да го збогатат и со посетата на некој одбројните антички локалитети во овој регион.

Опкружени со ѕидини и кули кои се изградени во средниот век, во Олимпос се уште стојат и сведочат за славното минато на овој богат трговски град: портата на храмот, театарот, јужната и северната некропола, црквата, влезниот комплекс, саркофагот, монументалните гробници на пристаништето, пристанишната базилика, населбата на јужната падина, бањата со мозаични тротоари и агората.

Уште од древните времиња, пристаништето Олимпос било познато како центар напиратите. Имено, водачот на киликиските пирати, во периодот околу 43-та година, Зеникетес, го користел градот како база, а околниот морски регион бил познат по бројните пиратски напади.

Остатоците од  некогаш моќниот и архитектонски раскошен град Олимпос, се наоѓаат на морскиот брег кој е позициониран на јужната страна од планината Тахтали, на само70 км од Анталија. Во антиката, Олимпос бил дел од Ликискиот сојуз во кој биле обединети повеќе градови од тогашната провинција Ликија, која била моќна и имала голема автономија. Овој поморски и трговски град се уште сведочи за активниот живот кој овде се водел во античкиот и во римскиот период,  а живописноста на пределот ја создаваат бројните извори со ладна вода која е вистинско освежување со оглед на големите летни температури. Покрај богатото културно-историско наследство, изворите овозможуваат ретка и богата вегетација по која овој предел е познат и која е интересна за посетителите.

Бујното зеленило и суптропската клима ги привлекува пред се младите туристи, бидејќи тука се нуди единствено доживување, да се престојува во пансиони со уникатна понуда, куќи на дрвја и плажи покрај антички урнатини, што претставува несекојдневно доживување.

Поради својата природна и историска важност, областа е ставена под заштита на локалните власти и на државните институции, а тоа овозможило природата да остане недопрена и на ово место му дава изглед на земен рај. Тука нема големи одморалишта и луксузни хотели, туку, симпатични мали колиби и куќи од дрва.

Олимпос денес е познат по рачно изработените и по домашните производи, изложени на малите и симпатични тезги и во дуќаните, кои нудат интересни и оригинални производи за посетителите.

Овој локалитет кој претставува голема универзална вредност на Турција, поради неговото исклучително значење, во 2009-та година беше ставен на листата на заштитени културно-историски локалитети.