Топло време

Зачестени интервенциите на итната помош во Куманово

28.06.2021 15:35

Температурните разлики предизвикаа проблеми кај граѓаните. Од итната медицинска помош во Куманово информираат дека е зголемен бројот на граѓани кои побарале итна интервенција од лекар, најмногу поради колапси од топлото време. Апелираат да се почитуваат препораките.

Топлото време го зголеми бројот на интервенции на итната медицинска помош. Од оваа здравствена установа во Куманово потврдуваат дека зачестиле телефонските повици на граѓаните за помош. Температурните разлики најмногу им пречат на хронично болните, но и на сите останати граѓани.

„Деновиве се соочуваме со проблем на зголемен број пациенти граѓани кај кои настанува губиток на свест, колапси, претежно на јавни места и површини.  Дневно, од 35 до 40 случаи меѓутоа тука се вклучени и останатите дијагнози“- вели доктор Марија Петрушевска, докторка при Итна помош Куманово.

И кумановци се согласуваат дека температурните разлики влијаат на нивното здравје.

„Топло е, не се диши, тешко“- вели една повозрнасна кумановка.

„Седам дома, не излегувам“- дополнува друг.

„Не сум излегла, но сега по потреба“- нагласува кумановка.

„Од работа, капа и очила и бргу дома“- истакна еден кумановец.

Лекарите укажуваат да се следат препораките на матичните лекари, а особено хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија. Периодов да се козмумираат повеќе течности.

„Да не излегуваат на сонце од 10 до 17 часот. Да конзумираат повеќе течности, но доколку е неодложно да се излезе во овој период соодветно да се заштитени, со заштитни очила, капа со лесна боја, да носат со себе вода и истата да ја конзумираат“, дополнува Петрушевска.

Од оваа здравствена установа апелираат и до возачите периодов, кога имаат почести повици, да ја почитуваат обврската за првенство на минување на возилото на итната помош, бидејќи некогаш минути одлучуваат за нечиј живот.

Елена Георгиевска