Свет

Вашингтон ја заострува реториката кон Иран

29.06.2021 12:54

Иран никогаш нема да се здобие со нуклеарно оружје- изјави американскиот претседател Бајден на средбата со израелскиот претседател во заминување Ривлин. Проиранската милиција одговори на американското бомбардирање, гранатираше американска база во Сирија. Нема информации за загинати, повредени или предизвикана материјална штета...

„Израел и САД нема да толерираат Иран со нуклеарно оружје“ – ова е епилогот од средбата на американскиот лидер Џо Бајден и израелскиот колега во заминување Реувен Ривлин во Белата куќа. Со новиот владин кабинет на еврејската држава предводен од Нафтали Бенет, САД ќе продолжат да прават напори за враќање во Нуклеарниот пакт од кој се повлекоа во 2018 година со одлука на претходните администрации на чело со  Доналд Трамп и Бенјамин Нетанјаху. Преговорите во Виена за спас на Договорот почнаа откако Техеран ги зголеми отстапките од обврските како одмазда за воведените економски санкции.

„Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје, барем не додека сум јас главен. Издадов наредба за последниот напад врз милитантите поддржани од Иран кои неодамна нападнаа позиции на САД во Ирак“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

„И натаму веруваме дека Иран е лош играч во регионот и дека поддржува и учествува во исклучително проблематично однесување. Барањето на можностите за продолжување на нуклеарните преговори за да го спречиме Иран од стекнување на нуклеарно оружје е во наш национален интерес“, рече Џен Саки, портпаролка на Белата куќа.

Покрај вербалната војна која се заостри откако на чело на Иран застана конзервативецот Ебрахим Раиси, кој одбива да преговара за ограничување на нуклеарната програма и поддршката на регионалните групи, Вашингтон и Техеран повторно ги разгореа жариштата на Блискиот Исток. Американската армија во Сирија возврати по ракетирањето на воената база во Деир ез Зур од групите поддржани од Иран, кој, пак, следуваше по гранатирањето на САД врз нивните позиции на границата со Ирак.

„Ова е непочитување на ирачкиот суверенитет, меѓународните стандарди и норми. Америка која пропагира слобода е главен терорист бидејќи цели кон лидерите и борците на Народните сили за мобилизација на граничниот појас каде што се спречува влез на терористите од Сирија во Ирак“, изјави Мухамед Хусеин, член на Народните сили за мобилизација на Ирак.

„Погребуваме млад човек кој загина од американското бомбардирање, а ги бранеше границите на нашата земја. Треба да знаат дека нашиот регион од времето на Ал Каеда, ИДИЛ, па сè досега жртвуваше многу. Знам дека окупаторот нема никогаш да покаже милост за ирачкиот народ.“

По револуцијата во 1979 година, Иран успеа да развие голема мрежа на бунтовнички групи.  Елитните сили „Кудс“ и Револуционерната гарда обучуваат и финансираат вакви движења во најмалку шест земји, меѓу кои се и Либан, Јемен, Бахреин и палестинските територии.

Континуираниот конфликт со терористичките организации на Блискиот Исток главна тема на самитот во Рим организиран од Глобалната коалиција за борба против Исламска држава.  По поразот во 2017 година, оваа мрежа врши напади во северен Ирак и на границата со Сирија. Властите во Багдад тврдат дека само во последните месеци, овие милитанти извршиле најмалку 25 смртоносни напади.

Маја С. Филдишев