Шекеринска до мировниците во мисиите во Авганистан: Вие бевте нашата влезница во НАТО
Македонија ги повлече сите свои војници од мисијата „Одлучна поддршка“, откако земјите-членки на НАТО донесоа одлука за завршување на военото присуство во Авганистан. Со тоа заврши речиси две децениското учество на македонските мировници во „ИСАФ“ и „Одлучна поддршка“.

Нашето денешно членство во НАТО е заслуга на сите над 500 армиски припадници во мисијата „Одлучна поддршка“ и над три илјади во мисијата „ИСАФ“ што започна во 2002 година. Вие бевте не само влезница за сите нас да можеме да ја претставиме државата во НАТО, вие бевте влезницата на РС Македонија да пристапи кон најмоќната воено- политичка алијанса. Покрај сите политички напори, вашата жртва, одговорност, ризик, работа, беа тие кои нѐ претрставија во најдобро светло.
Ова го нагласи, како што рече, не дипломатски, не формално, туку од срце, министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната свеченост по повод завршувањето на учеството на Армијата на Северна Македонија во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, а на која се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски.
Нашата мисија по речиси две децении активно учество на припадниците на Армијата заврши. Како вие ротација по ротација покажувавте дека сте вредни да ги штитите колегите или претпоставените од САД, Турција, Германија, Норвешка и од сите други земји учеснички во „Одлучна поддршка“ или „ИСАФ“, така и ние од почетокот во 2002 година покажавме дека сме верни на вредностите, приниципите и одлуките на Алијансата. Нашата посветеност, како и посветеноста на Алијансата на Авганистан не престанува, ќе продолжиме да даваме поддршка, заедно со сојузниците на авганистанските безбедносни сили, рече меѓу другото Шекеринска.
Додаде дека кога ги воделе последните „битки“ да станеме членка на НАТО, не постоел состанок или средба со претставник на НАТО или на членка на Алијансата, а да не биде споменат нивниот придонес.
