Пендаровски: Нашите војници покажаа дека се професионално обучени согласно највисоките НАТО стандарди

29.06.2021 13:13

Земјава ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“.

Пред безмалку 30 години кога на наша територија беа распоредени мировни сили на ООН или по конфликтот во 2001 година кога бевме домаќини на три НАТО операции, беше незамисливо дека наши војници еден ден ќе бидат дел од мировните мисии во светот. Но, во 2002 и 2003 година тоа стана реалност, од земја корисник станавме земја извозник на безбедноста. Со вашата професионалност и посветеност на најдобар начин ја претставувавте својата земја. Добредојдовте дома.

Ова го изјави претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски на свечената церемонија во касарната Илинден организирана по повод враќањето на последниот наш мировен контингент од Авганистан, на која се обрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а присуствуваа и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД Кејт Брнз и на Турција Хасан Мехмед Секизкок, генералите во Армијата и претставници на Воено – дипломатскиот кор.

Сега и вие и вашите најблиски можете да воздивнете со големо олеснување бидејќи ни се вративте дома живи и здрави. Вие бевте таму во служба на својата земја, но и во служба на народот на Авганистан кој треба да ги ужива истите права што ги имаат и другите народи во светот. Затоа сакам во свое лично име, но верувам и во име на сите наши граѓани да ви искажам огромна благодарност, рече Пендаровски.

Шефот на држвата се осврна и на тежината на носењето политички одлуки за учество во мировни мисии. Во однос на контингентите, посочи, можеби се чинат мали во однос на вкупната бројка на ангажирани сили кои во некои периоди во Авганистан изнесуваа и над 150 илјади, но, вели, се големи во релативна смисла имајќи предвид дека еден период Северна Македонија беше четврта според големината на придонесот во однос на бројот на нејзиното население.

Искажа уверување дека искуството стекнато за време на нивниот ангажман во оваа мисија направи од нашите мировници не само подобри војници, туку и подобри луѓе и им посака и во иднина да продолжите да ја претставувате својата татковина, својот народ и достоинството на нашата Армија во најдобро можно светло каде и да се.