Здравство

Од утре помасовна имунизација против Ковид-19

29.06.2021 14:07

Денеска дистрибуција на кинеската вакцина „Синовак“ по вакциналните пунктови, од утре имунизација. Здравствените власти најавуваат боцкање дневно од 10 до 15 илјади граѓани. Вакцината е доста безбедна, а ефикасноста е меѓу 56 и 78 проценти-велат имунолозите. По 15-ти јули стартува и теренската вакцинација. Досега половина од популацијата над 65 години примила барем една доза.

Денеска почнува дистрибуцијата на вакцината „Синовак“ низ сите пунктови од земјава. Од утре ќе стартува масовната вакцинација, се очекува дневно да бидат вакцинирани од 10 до 15 илјади граѓани.

Имунизацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува. Досега вкупно се аплицирани над 500 илјади дози вакцини, а ревакцинирани се над 200 илјади граѓани. Половина од населението над 65 години имаат примено барем една доза.

Докторите велат дека вакцинацијата тече без никакви поголеми застои. Нема пријавено некој со посериозни несакани реакции. Очекуваат дека и од утре кога ќе почне масовната вакцинација нема да има гужви.

Министерството за здравство информира дека во националниот систем „Мој Термин“ е воведена можноста за издавање сертификат за прележан Ковид-19. Се издава за сите лица кои во последните девет месеци биле позитивни на вирусот и се регистрирани како позитивни случаи. Може да се преземе кај матичниот лекар или со најава на страницата „vakcinacija.mk“.

Ана Јосифоска-Тодоровска