Одбрана

Заврши мисијата на македонските мировници во Авганистан

29.06.2021 14:26

По речиси две децении заврши учеството на македонските мировници во „ИСАФ“ и „Одлучна поддршка“. Потегот следува по одлуката на сите земји- членки на НАТО за завршување на военото присуство во Авганистан...

Заврши мисијата на македонските мировници во Авганистан. 19 години околу 3 илјади припадници на Армијата беа дел од силите на ИСАФ на различни задачи и позиции. Рамо до рамо со сојузниците го одржуваа мирот и стабилноста во Авганистан. Нема поголема чест за еден војник да ја претставува својата земја во меѓународна мисија, велат нашите мировници.

Македонските мировници во мисиите работеа како штабни офицери, во единицата за обезбедување на главната команда во Кабул, инструктори во тимовите за менторирање, а дел беа и во медицинско- хируршките тимови. Придонес дадоа и специјалните единици во здружените тимови со националната гарда на Вермонт.

Добредојде дома и благодарност на мировниците им посака врховниот командант на оружените сили Стево Пендаровски. Им порача- со вашата професионалност и посветеност на најдобар начин ја претставувавте својата земја.

Мировната мисија, потврда дека нашите војници се обучени на највисоко професионално ниво и во согласност со највисоките стандарди на НАТО.

 

 

Наташа Гркова- Петрушевска