Судски процес

Судии, адвокати, вештаци вршеа увид на дивата депонија во Струга

29.06.2021 15:38

Судскиот процес за струшката депонија денес се одржа на лице место. Судии, адвокати, тужители и вештаци вршеа увид на дивата депонија, која е во самиот град на само 500 метри до куќите. Тужителите бараат итна дислокација, адвокатите на општината велат- проблемот може да го реши само Владата преку изградба на регионални депонии...

Судскиот процес за струшката депонија денеска, наместо во судница продолжи со увид на лице место. Судии и вештаци вршеа идентификација на парцелата каде лежи дивата депонија во Струга и големината на натрупаниот отпад, кој изнесува десетина метри под и дваесетина метри над земја. Тужителите повикаа на итна дислокција на дивата депонија која е на само 500 метри од куќите во градот.

Иако последните неколку години нема спалување на депонијата, вештачењата потврдија дека таа го загрозува здравјето на луѓето, но и ги загадува водите и почвата.

„Ова чудовиште кое што се наоѓа непосредно во близина на гардот Струга терба да биде дислоцирано, а поенатата на денешното рочиште за увид на лице место е да го увериме судот, странките и јавноста во постапката“, вели Григор Ќатоски, адвокат на тужителите.

„Очекуваме судот со денешниот увид на лице место да ги утврди сите факти кои понатаму би воделе кон донесување на пресуда за ефикасно решавање на овој конкретен проблем, а нашата цел е преку овој конкретен случај е да постигнеме ефикасно управување со отпадот низ цела држава“, вели Бојан Трпески- тужители Македонското здружение на млади правници.

Адвокатот на општината, која е една од тужените страни во судскиот процес, заедно со Министерството за животна средина, вели дека проблемот треба да го реши Владата бидејќи законот налага изградба на регионални депонии.

„Државата донесе прописи со кои овој проблем ќе го решава регионално, што значи ние не можеме да постапиме поинаку мораме да го чекаме решението од државата“, вели Драган Коровешоски- адвокат на општината.

На годишно ниво во Струга се произведуваат околу 40.000 тони смет, кој со години се трупа на дивата депонија во самиот град.

 

Соња Рилковска