Трент Френкс, нов член на македонската група во Конгресот на САД

25.03.2014 09:16

Тој е и еден од 40-те потписници на писмото кое Конгресот неодамна го упати до државниот секретар на САД Џон Кери, во кое се бараше прием на Македонија во НАТО...

Конгресменот од американската сојузна држава Аризона, Трент Френкс, е најновиот член на групата за пријателство со Македонија во Конгресот на САД, соопшти Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

Френкс, кој припаѓа на конзервативното крило на Републиканската партија, е член на Комисијата за одбрана на Претставничкиот дом, како и водечки активист за верските слободи.

„Конгресменот Френкс, лидер во прашањето за човековите права и верските слободи на глобално ниво, е голем пријател на Македонија и голем поддржувач на нејзиниот прием во НАТО“, изјави претседателот на ОМД, Мето Колоски по приклучувањето на Френкс во групата за пријателство со Македонија.

Тој е и еден од 40-те потписници на писмото кое Конгресот неодамна го упати до државниот секретар на САД Џон Кери, во кое се бараше прием на Македонија во НАТО на самитот во Британија во септември.