Колони македонски граѓани на вакцинација во Врање, најмногу се бара „Фајзер“
Колони македонски граѓани кои чекаат ред за имунизација и натаму вообичаена слика пред вакциналниот пункт во спортската сала во Врање во соседна Србија. Голем дел од нив се за ревакцинација. Интересот и натаму најголем за вакцината „Фајзер“, која на дневна основа се троши за неколку часа.

Долгите редици се создаваат наутро и пред да се отвори вакциналниот пункт. Гужвите се големи, но за кратко се растеретуваат. Организацијата е одлична, а за првата доза воопшто не треба да се закажува термин како кај нас, затоа одлучивме тука да се имунизираме, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Интересот е најголем за вакцината „Фајзер“ која во текот на денот ја има во ограничени количини. Се вакцнира и со „Синовак“, а се очекува да пристигне и „Спутник“.
„За Фајзер се најзаинтересирани, но се случува во текот на денот да се потрошат дозите, па потоа мора да се вакцинираат со кинеската, а се очекува за скоро да пристигне и руската вакцина. Затоа обично гужвите се наутро и Фајзер ја има наутро и претпладне, а попладне поради интересот ректо може да останат дози од оваа вакцина“, изјави д-р Слаѓан Младеновиќ, вакцинален пункт Врање- Србија.
Заеднички интерес е да се вакцинираме сите од регионов, а задоволството да се помогне на соседна држава е големо, додава доктор Младеновиќ.
„Ретко кој е вратен од Македонија за имунизација освен ако има некој здравствен проблем. Треба да се запре епидемијата, а начинот е вакцинација на сите и на српските и на македонските граѓаните, вие доаѓате тука и ние често поминуваме низ Македонија, мора да се создаде колективен имунитет на сите од регионов“, смета д-р Младеновиќ.
Во текот на денот се имунизираат и до 500 лица од Македонија, што е помала бројка за разлика од пред еден месец. Процесот на вакцинирање на македонските граѓани ќе трае и понатаму, вакцини има доволно, а интересот и натаму е голем, соопштија од вакциналниот пункт во Врање, Србија.
Зоран Димовски
