Канадска „Магна“ гради фабрика во ТИРЗ Струга, ќе отвори над 1.200 работни места
Промовирана новата инвестиција на канадската компанија „Магна интернешенел“ во Технолошко- индустриската развојна зона Струга. Новата фабрика ќе изработува ретровизори и други компоненти за најголемите автомобилски компании во светот- Генерал Моторс, Форд, Тојота, Хонда и БМВ...

Со инвестиција од 35 милиони евра и бизнис план за вработување од околу 1.200 луѓе канадската компанијата „Магна“ започна со градба на фабрика во индустриската зона „Струга“. Ќе произведува делови за автомобилската индустрија. Во првата година ќе вработи 300 лица. Дипломираниот машински инженер Кристина Добревска своето знаење ќе го инвестира во оваа компанија. Смета дека големите компании се шанса младите да останат во земјава.
Инвестицискиот циклус ќе трае пет години. Според потпреседателот на компанијата, Криспи, „Магна“ лани и покрај пандемијата остварила 33 милијарди долари.
Според премиерот Заев, една од придобивките на инвестицијата ќе биде интензивирање на соработката со домашните компании. Посочува дека инвеститорите ќе донесат современа технологија, и ќе го раздвижат деловниот амбиент.
Економската активност во зоните во првиот квартал од годинава пораснала за 30 отсто во споредба со истиот период лани. Во првите пет месеци биле потпишани 15 нови договори со инвеститорите. Вредноста надминала 100 милиони евра, велат надлежните.
Дијана Ценевска
