Палмер: Разочарани сме што Скопје и Тирана не ги почнаа преговорите, ЕУ мора да си ги исполни ветувањата

01.07.2021 11:18

Палмер подвлече дека тоа влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион.

Разочарани сме што прашањето за отворање на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија не беше решено и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на силните европски партнери, изјави денеска во Охрид заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер на панелот „На патот до подобро поврзан и интегриран регион – Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?”, во рамки на првата Меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог.

Палмер подвлече дека тоа влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион.

Нашите геополитички конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба, истакна Палмер.

Палмер ја подлече важноста на историскиот Договор од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, за коишто посочи дека се примери за поголем регионален ангажман на С Македонија во корист на нејзините граѓаните.