Чековски ќе се лади на еден меч
25.03.2014 10:21
АБА лигата го суспендира нашиот репрезентативец, по инцидентот во кој што беше вмешан на натпреварот против Црвена Звезда.

За кавга се потребни двајца, овој пат и двајцата се суспендирани, иако останува впечатокот дека Ѓорѓи Чековски е колатералната жртва на ригидните правила. Судиите ги исклучија и Чековски и Тејиќ на мечот во рамките на 25-то коло од Јадранската кошаркарска лига, по што им следи автоматска суспенција од еден натпревар. МЗТ и Звезда заработија парична казна од по 700 евра, по 200 за исклучувачката на кошаркарите и по 500 поради автоматската пријава што судиите треба да ја поднесат откако ќе евидентираат удирање на противнички кошаркар.
Кој тука беше удрен, кој навистина е удрен и што се случи?
По еден чисто кошаркарски дуел меѓу Лучиќ и Тејиќ, кога овој вториот одеше на забивање кон кошот на МЗТ Скопје, по фаулот од страна на центарот на македонскиот шампион следеше бурна и неспортска реакција на кошаркарот на Звезда. Лудоста отиде до таа мера, што по натпреварот претседателот на црвено-белите јавно го охрабри својот пулен, кој што без причина замавна кон лицето на ни кривиот ни должен Чековски и за негова среќа го промаши нашиот “разбивач”, следниот пат да удира посилно.
Треба ли да се коментира повеќе за колективниот примитивизам што го демонстрира гигантот на балканскиот спорт, Црвена Звезда? Рибата, велат, смрди од главата.
Вооптшо не е субјективно тврдењето дека судиите прво згрешија затоа што не побараа повторена снимка пред да ја донесат конечната одлука, а потоа и дека АБА лигата не го искористи (барем не стои официјално дека тоа е сторено) видео материјалот како водич за понатамошните санкции.
Затоа постојат ТВ снимките и затоа големите спортски федерации ги казнуваат сите испади, вклучувајќи ги и вербалните, на сите протагонисти кои што се вклучени во системот на односното натпреварување. Ако го земеме в предвид примерот на Премиер лигата, за секаков коментар за судење, за противник, па дури и за свој фудбалер, тренер или претседател, следат жестоки парични казни и суспензии.
