Свет

Делта сојот на Ковид-19 забрзано се шири

01.07.2021 12:44

Вирусот се шири од човек на човек за само неколку секунди и е во состојба да ја „пробие“ првата доза на вакцината. Заболените се на возраст од 18 до 50 години, кои не биле вакцинирани или примиле само прва доза на вакцината.

Само два дена по одлуката да не се носат маски на отворено и мал број на заразени лица со коронавирусот, во Италија повторно аларм, овој пат поради индискиот „делта“ сој на вирусот. Не е регистриран само во два од вкупно 20 региони. Вирусот се шири од човек на човек за само неколку секунди и е во состојба да ја „пробие“ првата доза на вакцината. Заболените се на возраст од 18 до 50 години, кои не биле вакцинирани или примиле само прва доза на вакцината.

Австралија: Воведени построги епидемиолошки мерки

Во Австралија на сила се построги епидемиолошки мерки за сузбивање на ширењето на делта сојот. Под клуч се вкупно седум градови, откако е забележано мало зголемување на бројот на новозаразени. Речиси половина од населението, повеќе од 12 милиони луѓе, добија наредба да останат во своите домови.

„Околу половина од случаите беа во изолација во текот на заразниот период, додека пак другата половина биле во заедница барем неколку дена додека биле инфекицирани, а тоа е причина за загриженост. Во многу примери, гледаме работници кои ја напуштаат куќата со симптоми или одат на работа со симптоми на болеста и ја пренесуваат на други“, изјави Гледис Береџиклијан, премиер на Нов Јужен Велс.

„Ако сакаме заклучувањето да успее, мора да го минимизираме движењето, колку и да е тешко“, вели жител.

Индонезија воведува итни мерки

И индонезија ќе воведе „итни мерки“ поради силниот бран на епидемијата на коронавирусот. Бројот на новоинфицирани достигна 21.000 случаи дневно, а властите го потврдија ширењето на особено заразните соеви на вирусот.

Од денеска нови ковид правила и во Хрватска. Се предвидуваат мерки на физичко растојание од 2 метра во затворен простор и 1,5 метри на отворено. Маските за лице се задолжителни. Јавните настани и свечености може да се одржуваат до полноќ, но со не повеќе од 100 лица, со исклучок кога имаат дигитален сертификат за вакцинација. Угостителските објекти мора да бидат затворени од полноќ до шест наутро, а во тој период е забранета и продажба на алкохолни пијалоци.

 

Марина Ристова