Западен Балкан од денеска без роаминг

01.07.2021 15:09

Се укинува роамингот меѓу земите од Западен Балкан. Корисниците во мобилната телефонија, од Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина ќе разговораат по исти цени и тарифи како за услугите што ги користат дома...

Нема веќе роаминг меѓу земјите од Западен Балкан. Но, бесплатно во странство ќе зборуваат само оние што и во државава користат неограничени минути во националните мрежи. Цените за разговори и пораки преку мобилен од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина ќе бидат како дома. Какви договори со операторите имаат склучено корисниците за услугите во земјава, истите тарифи ги имаат и во некоја од шесте земји.

Користењето интернет ќе биде ограничено. Ќе зависи од пакетот со кој располага корисникот дома. Ако пакетот што го користи во Македонија има 10 гигабајти, ако не ги потрошил дома, ќе може бесплатно да користи два до два ипол гигабајти, во спротивно дополнително ќе му бидат наплатени.

Ги избришавме границите на мобилните телефони, заеднички успех и здружување на иницијативите за подобри услуги на граѓаните - за зоната без роаминг, оценија Заев и Брегу .

„Воспоставивме и создадовме средина каде што сите наши граѓани ќе можат безбедно да ги користат своите мобилни телефони да зборуваат, да испраќаат пораки и да користат интернет низ сите земји во западен балкан без дополнителни трошоци“, рече премиерот Зоран Заев.

„Од овој ден, ги избришавме границите, бариерите и тарифите на нашите мобилни телефони. следен предизвик ни е да ги започнеме разговорите со европската унија и да ги намалиме цените во роаминг помеѓу Западен Балкан и ЕУ“, оцени Мајлинда Брегу- Генералната секретарка на Советот за регионална соработка.

Засега нема намалување на цените за роаминг со Грција и Бугарија, иако државата има потпиушано договори тие се уште не се стапени во сила.Од АЕК предупредуваат , доколку се повикува странски број или се праќаат пораки од земјава , ќе се наплатува како мегународен повикот.

Сузана Фиданска- Стоевска