Прилеп ќе добие современ фудбалски стадион со вештачка трева
Наскоро прилепчани ќе можат да спортуваат на ново игралиште покриено со вештачка трева, а подоцна ќе се реализираат и две трибини. Со овој спортски терен ќе стопанисува општината...

Прилеп наскоро ќе добие нов фудбалски стадион со вештачка трева во Македонија, со големина од 10.000 метри квадратни. Инвестицијата ќе чини околу 1 милион евра, донација од УЕФА, но и Општината во изградбата учествуваше со 300.000 евра. Локацијата е на местото од старата зоолошка градина, а стадионот е изграден според сите најсовремени европски стандарди.
„Самиот стадион е така предвиден за да целата таа површина има огромно одводнување и предвидени се дренажни системи кои даваат гаранција дека и при најобилни дождови ќе биде дренирана водата, односно нема да се појавуваат потешкотии за одигрување на натпревари или било кои спортски манифестации“, истакна Илија Карески, сектор за урбанизам во општина Прилеп.
Панирано е и хортикултурно уредување околу стадионот и изградба на паркинг.
Во иднина е планирано овој фудбалски терен да добие и 2 трибини, соблекувални како и осветлување, за да може на него да се играат и ноќни натпревари.
Покрај ова игралиште се рехабилитира градскиот стадион „Гоце Делчев“, а се градат и други фудбалски терени. Со овие инвестиции прилеп станува општина со најдобра спортска инфраструктура во Македонија.
„Прилеп никогаш во својата историја немал 6 фудбалски терени, ова е само уште една можност која треба да ја искористат сите таленти, фудбалски школи и клубови во Прилеп за да може повторно фудбалот во градот да го вратиме на старите патеки“, рече Марјан Стојкоски, Општински фудбалски сојуз.
Планирано е со стадионот во иднина да стопанисува Општината.
Дарко Штаргоски
