Се повлекуваат последните американски војници од Авганистан
Американската војска се повлекува од Авганистан, но Белата куќа сака да го задржи дипломатското присуство во Кабул. По заминувањето и од последната база Баграм, можност за Талибанците повторно да завладеат со голем дел од регионот. Апсолутно немаме намера да се откажеме од авганистан, став на официјален Вашингтон...

По речиси две децении, американската војска замина од авганистанската воздухопловна база во Баграм, епицентарот на војната против Талибанците и Ал Каеда по нападите од 11 септември. Комплексот кој бил изграден од Советскиот сојуз, а во 2001 година преземен од САД и НАТО, оди во рацете на авганистанските сили за Националната безбедност и одбрана. Трупите се повлекле во текот на ноќта без координација со локалната администрација. Вакуумп-просторот при примопредавањето го злоупотребила група крадци кои успеале да влезат во базата.
„Ситуацијата е под контрола, немаме проблеми. Распоредувањето на армијата веќе почна за да се преземат безбедносните пунктови и кули кои претходно ги штитеа Американците“, изјави Дарваиш Рауфи, општински раководител во Баграм.
Покрај Американците, од Авганистан заминува и голем дел од населението. Талибанците порачаа – народот нема причина за страв. Но и покрај убедувањата, стотици млади луѓе секојдневно одат со автобуси кон западната провинција Нимроз, обидувајќи се да влезат во Иран, па во Турција, и оттаму да стигнат до Европа.
„Загрижен сум поради можното враќање на Талибанците. Сакам да заминам од земјата пред да се влоши ситуацијата.“
„Повеќето области паднаа. Во секоја има битки. Талибанците стигнаа и до полициските штабови и до центрите на провинциите. Дојдов по пасош и си одам од Авганистан. Овде не е безбедно.“
„Не сме ни среќни ни вознемирени. Ни беше мирно додека Американците беа овде. Сега никој не може да им каже ништо, се враќаат дома.“
„Ќе ја ограбат Баграм. И јас би го направил истото да можам.“
И властите во неизвесност за иднината на земјата без помошта од странските трупи, но очекуваат поддршка од меѓународната заедница.
„Реалноста е дека преживувањето, сигурноста и обединетоста на Авганистан се во опасност. Повторувам – мирот е најдобрата опција“, вели Абдула Абдула, шеф на националното помирување на Авганистан.
Во оваа војна загинаа десетици илјадници луѓе на сите вклучени страни, меѓу кои и многу цивили.
Маја С. Филдишев
