Почнува фестивалот „Пеце Атанасовски“
Денеска и утре, во Прилеп и на Рудина, Долнени, по 47-ми пат ќе се одржува фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, еден од ретките кој не го загуби континуитетот ниту во пандемија. Имаме богат изворен вековен мелос кој треба и мора да се зачува како културен идентитет, порачуваат од фестивалот кој годинава има 320-тина учесници од целата земја. Изворниот мелос сакаат да го изучуваат и младите генерации...

Гајдата, зурлата, кавалот, тапанот, изворната песна. Ќе се разливаат во Прилеп, и на Рудина во Долнени, по 47-ми пат. Се одржува Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Продолжува Фестивалскиот континуитет за зачувување, негување и пренесување на богатиот изворен мелос.
Околу 320 учесници од сите краишта на земјава, од 7 до 77 години го потврдуваат интересот за изворниот мелос кој се пренесува од генерација на генерација низ вековите. Годинава 12 млади од Кочанско и Прилепско, „он-лајн“ го следеа семинарот потврдувајќи дека се негуваат изворното пеење и музицирање.
По 25 години повторно ќе прозвучи и оригиналната гајда на основачот на Фестивалот, Пеце Атанасовски.
Најуспешните изведувачи ќе ја добијат Гран при наградата, а најдобриот гајдаџија - гајдата на Пеце Атанасовски.
Елизабета Ристеска
