Заканата од делта сојот е реална, потребни се заштитни мерки
Состанок на Комисијата за заштита од заразни болести за спречување на ширењето на делта сојот. Негативен ПЦР, сертификат за вакцинација или карантин, се можните рестрикции само за патници од високоризичните земји, каде што има голем број случаи со мутацијата. Индискиот сој е реалност, потребни се превентивни мерки на границите, вели за мтв епидемиологот Даниловски...

Ризикот за влез на индискиот делта сој е реален, затоа што е за 60 проценти позаразен од британската мутација, предупредува истакнатиот епидемиолог, доктор Драган Даниловски. Тој во разговор за јавниот сервис вели дека позасилен продор на оваа варијанта кај нас може да се очекува есенва, но не би требало да има значителен раст на бројот на заразени поради стекнатиот природен и вакцинален имунитет. Сепак, младите и неимунизираните ќе бидат во поголем ризик. Доктор Даниловски смета дека се потребни мерки.
Докторот посочува дека ќе мора да се идентификуваат сите контакти, дури до четврти ред и сите да бидат ставени во изолација. Според проценките, прагот при којшто не би било можно ширење на индискиот мутант се движи од 80 до 85 проценти, до којшто треба да стигнеме со забрзана вакцинација.
Според последните информации од Светската здравствена организација, делта сојот е присутен во 100-ина држави.
Марија Котовска
