Објавен текстот на предлог- резолуцијата
ВМРО-ДПМНЕ ја обелодени предлог- резолуцијата, нарекувајќи ја патоказ за евроинтеграциите. Принципиелни преговори за членство во ЕУ, со почитување на меѓународното право, достоинство на македонскиот народ и без условувања од двете страни, стои во документот. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и за тоа не треба расправа, особено не во Македонското собрание, став на СДСМ...

ВМРО-ДПМНЕ го обелодени текстот на предлог- резолуцијата којашто партијата иднава недела ќе ја достави до Собранието. Во неа се бара преговорите со Бугарија да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со почитување на меѓународното право и на достоинството на македонскиот народ, без условувања.
Во предложениот документ се потврдува автохтоноста на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, се нагласува правото на самопределување, етничката и духовната посебност. Во неа стои дека Собранието ја обрзува и насочува владата и сите органи задолжени за надворешна политика и интеграциите да постапуваат во рамки на позициите, утврдени со резолуцијата, а се вели и дека процесот на евроинтеграција ќе продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Од ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека останатите парламентарни партии ќе ја поддржат резолуцијата.
„Македонскиот јазик и идентитет се меѓународно признаени и потврдени и нема потреба од расправа во законодавниот дом“ – владејачката СДСМ остана на веќе познатиот став.
„Ако Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во својот идентитет, не мора да поднесуваат декларации или какви било заклучоци до Собранието. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од каква било расправа за тие прашања, особено не во Македонското собрание“, велат од СДСМ.
Процедурата за поднесување на резолуцијата во Собранието ќе почне иднава седмица со собирање потписи и консултации со другите партии за поддршка. Од Алијансата за Албанците соопштија дека ќе го разгледа предлогот.
Ирина Гелевска
