Политика

Комбинаторики пред локалните избори

05.07.2021 10:31

Во пресрет на локалните избори, жешко и на политичката сцена. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најавија дека за 10-тина дена ќе обелоденат дел од кандидатите за градоначалници. Неделава социјадемократите и интегративците треба да ја официјализираат коалицијата за Скопје. Алијанса за Албанците и Алтернатива подготвени за соработка и со двете најголеми македонски партии.

И атмосферски и политички жешко лето во земјава. Но, фокусот на партиите веќе е свртен кон она што не очекува наесен – локалните избори и избор на кандидати за градоначалници. Дали актуелниот градски татко Шилегов и поранешниот Трајановски ќе трчаат за нов мандат, исто како и Мерко и Теута Арифи, засега е оставено на брифинзи и „штури“ информации, но во партиите веќе се прават анкети за опипување на пулсот на членство и на поддршката за можните фаворити.

Во редовите на власта, неделава треба да има средба меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ, Заев и Ахмети, а се контакрира и со ДПА околу договор за поддршка на кандидатот за прв човек на Скопје.

Социјалдемократите за десетина дена ќе одржат промоција на првата тура кандидати за градоначалници, процес што ќе се одвива во три фази. Таму се веќе пријавени повеќе од 550 кандидати за градоначалници и над 4.500 за советници.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе утврдила 15 имиња, а сите кандидати ќе ги обелодени во септември.

Зелената ДОМ на централен одбор донесе одлука на претстојните локални избори партијата да настапи во граѓанска коалиција со партии од центарот и граѓански активисти. Од партијата посочуваат дека подготовките за изборите продолжуваат со соработка со партии со сродни програмски приоритети и со граѓански активисти.

Алијанса и Алтернатива отворени за коалицирање со сите партии. Велат колку поголема коалиција толку поголеми се шансите за победа. Подготвени се да коалицираат и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, а иако скромно актуелниот на Гостивар, Таравари вели најверојатно повторно ќе истрча за нов мандат.

До објавување на конечните листи од партиите има уште време, најголемите како во кампања одсега тврдат дека ќе освојат најмногу мандати.

 

Миле Ристески