Топлотниот бран напрaви штети кај пченицата
Топлотниот бран направи штети кај пченицата, велат агрометеоролозите. Поради повторно покачување на температурите се препорачува да почне жетвата на пченицата, а системите за наводнување целосно да бидат активирани.

Надпросечните температури на воздухот измерени во текот на топлотниот бран, предизвикаа шок кај земјоделските култури. Најмногу настрада пчениицата поради сушење на зрното, онаму каде што беше во фаза на зреење, а ја немаше постигнато целосната зрелост.
Потребата од вода за одржување на вегетацијата, енормно се зголеми и кај другите култури, но од друга страна, пак, ваквите временски услови беа оптимални за јачменот и жетвата која непречено се одвива и е во полн ек.
Благиот пад на дневните температури последниве денови позитивно ќе влијае на растенијата, а повремениот локален дожд, уште повеќе ќе ја релаксира состојбата, особено во реоните каде што врнежите ќе бидат по забележителни.
Во втората половина од оваа недела се очекува повторно постепено покачување на температурите, кои не треба да го надминат 38-миот степен, без врнежи, па затоа препорака е да се стартува и со жетвата на пченицата, секаде каде е тоа возможно. Потребата од вода за пролетните окопни култури или градинарските култури останува главен приоритет, при што е неопходно наводнување и целосно активирање на системите.
Ваквите временски услови не одат во прилог на пчеларството, кое и оваа година е во незавидна состојба и ќе резултира со ниски приноси.
Методија Трајков
