Талибанците напредуваат, стотици авганистански војници бегаат преку границата
Талибанците бараат повлекување на сите странски трупи од Авганистан. Оние што ќе останат по повлекувањето на НАТО во септември, ќе се сметаат за окупатори. Повеќе од илјада авганистански војници побегнале во Таџикистан, по судирите со талибанските бунтовници...

Над 300 припадници на авганистанската војска побегнаа од провинцијата Бадахшан во соседен Таџикистан по пробивот на Талибанците кои напредуваат кон границата. Засега контролираат третина од вкупно 421 округ и окружни центри во Авганистан. Според локалните функционери, поголемиот дел од нив биле преземени без борба. За успехот на противникот го обвинуваат обесхрабрувањето на војската која по повлекувањето на странските сили, нема доволни капацитети во персонал и опрема.
„Специјалните сили и командосите стигнаа во Бадахшан, почнуваме со операција за расчистување за да ги вратиме областите кои ги загубивме“, изјави генерал Абас Тавакали.
Талибанците предупредија - сите странски трупи што ќе останат по повлекувањето на НАТО во септември ќе се сметаат за окупатори. Нагласија дека не планираат да го заземат Кабул со употреба на воена сила, но очекуваат сите страни да го почитуваат Договорот од Доха. Претходно беше најавено дека е можно да останат 1.000 американски војници за да ги заштитат дипломатските мисии и меѓународниот аеродром во главниот град.
„Како вистински Авганистанци, ние никогаш нема да постапуваме така, тие се луѓето кои убиваат и киднапираат, кои крадат, корумпирани се, и ние нема никогаш да соработуваме со нив.“
За портпаролот на Талибанците, Сухаил Шахин, повлекувањето од базата Баграм е историски момент. Тој нагласи дека дипломатите, невладините организации и другите странски цивили нема да бидат на нишан. Владата на Кабул изрази подготвеност за разговори за конечен прекин на огнот, но очекува Талибанците да покажат дека се посветени кон процес за постигнување на мир.
Маја С. Филдишев
