Политика

Власта и опозицијата за предлог- резолуцијата

05.07.2021 14:28

ВМРО-ДПМНЕ на средбите со помалите партии побара поддршка за предлог-резолуцијата за дефинирање на македонските црвени линии во спорот со Бугарија. ЛДП, ДОМ и Демократски сојуз не гледаат ништо спорно во документот. И СДСМ ќе ја прифати резолуцијата. Од партијата со став-македонскиот идентитет и јазик не можат да бидат услов за европскиот напредок на државата...

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на црвените линии за нацијата и јазикот може да биде политички корисна- оценка на Антонио Милошоски по средбите со претставниците на помалите политички партии во парламентот. Нагласи дека во документот се опфатени меѓународните стандарди и права.

Демократскиот сојуз, ДОМ и ЛДП кои се во коалиција со СДСМ по разговорите оценија дека резолуцијата може да е основа, како што рекоа, за наше единство. Ставот е дека треба да биде прифатена со консензус.

Откако првично ја одби, СДСМ ретерираше. Портпаролот Костадинов објави дека резолуцијата и од нив ќе биде прифатена. Јасни сме дека нема разговори за идентитетот и јазикот, но за нив не треба да се караме и внатре во земјата – велат од СДСМ.

Алијанса за Албанците и Алтернатива сѐ уште се без изграден став. Со нив и со ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе разговара. Сепак според Бујар Османи, резолуцијата е за да се добијат политички поени пред изборите. Левица не гледа ништо спорно во предложениот текст, но од таму нагласуваат дека резолуцијата ќе ја прифатат, ако ВМРО-ДПМНЕ ја прифати нивната декларација.

Миле Ристески