60-то јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри
Вечерва на летната сцена „Долни сарај“ во Охрид ќе биде отворено јубилејното 60-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Годинава на отворената сцена за комуникација помеѓу културите ќе настапат ансамбли од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и од нашата земја. По повод големиот јубилеј денеска беше промовирана монографијата „Шеесет години Балкански фестивал на народни песни и игри“ од авторот Милчо Јованоски...

Најстарата фолклорна манифестација во земјава „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“ годинава ја одбележува 60-годишнината од своето постоење. Во изминатите години на летната сцена Долни Сарај и во Центарот за култура продефилираа 60 илјади играорци и инструменталисти од целиот свет кои преку фолклорот го презентираа културното богатство на нивните земји, но и историјата, традициите и посебноста на секој народ. По повод големиот јубилеј денеска беше промовирана монографија за фестивалот кој е запишан во каталогот на УНЕСКО на најзначајни фолклорни манифестации во светот.
„Се обидов да направам покрај двете досегашни ова е трета монографија од неговото постоење, да биде различна од претходните по тоа што нема да се занимава само со фактографија туку напротив ќе биде дел во кој што ќе има и простор за емотивни приказни на оние кои што го граделе фестивалот во сите овие децении и покрај тоа да се задржи тој континуитет на фотографии на луѓе, на личности и настани“, вели м-р Милчо Јованоски- автор на монографијата.
Промотор на монографијата беше Славко Упевче кој што 37 години од работниот век му ги посвети на фестивалот како програмски координатор.
„Балканскиот фестивал е една од врвните меѓународни манифестации на фолклорот со големо реноме поради што во текот на сите години додека јас бев во дирекцијата на фестивалот пројавуваа желба многу голем број на фолклорни ансамбли од целиот свет“, вели Славко Упевче- промотор на монографијата.
Вечерва на летната сцена Долни Сарај свечено ќе биде отворено 60-тото јубилејно изданиер на Балканскиот фестивал при што љубителите на фолклорот ќе можат да ги проследат настапите на ансамблот „Македонија“ и Културно уметничкото друштво „Бранко Крсмановиќ“ од Белград.
Сашо Нелоски
