Здравство

Состојбата со Ковид-19 стабилна, од 12-ти јули вакцинација без закажан термин

06.07.2021 10:04

Македонија со 130 активни случаи на ковид. Состојбата стабилна, нема препораки за нови рестриктивни мерки- пресече комисијата за заразни болести. Од 12-ти јули вакцинација на пунктовите без закажан термин- најавија здравствените власти.

Состојбата со ковид во земјава е стабилна. Во 19 градови во државата повеќе нема позитивни случаи. Ако пред еден месец бројот на активни беше околу 1.000 случаи, вчера тој беше 130, од кои во Скопје има уште 54, во Тетово 15, Кичево 14, Куманово 10. Според последниот билтен, нема починати од компликации од вирусот, а регистрирани се 27 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени речиси 900 илјади тестирања. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.716, починале 5.486.

Министерството за здравство вчера соопшти дека од 12-ти јули ќе може да се вакцинира секој без оглед дали е пријавен или не преку веб-страницата vakcinacija.mk.

Секој кој сака да се вакцинира истото ќе може да го направи без закажан термин, а паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk, информираат од Министерството.

Оттаму соопштуваат дека почнувајќи од 12-ти јули вакцинацијата против Ковид-19 ќе се одвива во постоечките вакцинални пунктови од здравствените домови и болниците во државата, а во спортските сали ќе се одвива масовна ревакцинација.

Министерот Филипче вчера на работен состанок со директорите на здравствените домови во државата и членови на Националната работна група за Ковид-19 вакцинација, ги утврдуваа насоките за организација на теренска вакцинација којашто треба да започне од следната недела.

Здравствените домови, како што соопшти Министерството за здравство, до петок треба да изготват план и организација за секој ден, време и место на теренската вакцинација.