Велика британија

Џонсон: Луѓето сами ќе бидат одговорни да се заштитат

06.07.2021 13:24

Британскиот премиер Џонсон очекува бројот на нови случаи на коронавирус во Велика Британија да порасне до 50.000 во наредните две недели. Сепак го изнесе владиниот план за целосно отворање на земјата на 19-ти јули...

Британскиот премиер Џонсон очекува бројот на нови случаи на коронавирус во Велика Британија да порасне до 50.000 во наредните две недели. Сепак го изнесе владиниот план за целосно отворање на земјата на 19-ти јули. Конечната одлука за тоа ќе биде донесена седум дена претходно, по анализата на најновите податоци на 12-ти јули.

„Владата мора да реши дали е безбедно да се отвориме сега. Ако не се отвориме сега кога постигнавме толку многу со вакцинирањето, тогаш не знам кога“, рече премирот на Велика Британија, Борис Џонсон.

Според планот на владата, луѓето сами ќе решаваат што е безбедно. Се отвораат сите бизниси, вклучувајќи ги и ноќните клубови и се укинуваат мерките за задолжително носење маска и одржување дистанца од еден метар. Луѓето веќе нема да работат од дома, а ковид сертификатите нема да се неопходни за влез во кралството.

„Дали јас лично ќе носам маска? Мислам дека, како што реков претходно, тоа ќе зависи од околностите. И јасно, постои голема разлика помеѓу патувањето во преполн воз и седење доцна во ноќта во празен вагон на главната железничка станица. Значи, она што сакаме да го направиме е луѓето да вежбаат лична одговорност“, нагласи Џонсон.

Џонсон порача дека луѓето не треба да се олабавуваат. Во Велика Британија со прва доза вакцинирани се 86 насто од возрасното население.

„Далеку сме од крајот на справувањето со овој вирус. Но, со оглед на огромниот успех на вакцините и со оглед на фактот дека ова е поволен момент да се направи тоа мислам дека ова е избалансиран и претпазлив пристап“, додаде премиерот Џонсон.

Во меѓувреме, Германскиот институт за јавно здравје „Роберт Кох“, објави дека Велика Британија, покрај Индија, Португалија, Русија и Непал повеќе не се области со вирусни мутации.

 

Марина Ристова