Филм

Почна да се снима „Кајмак“ на Манчевски

06.07.2021 13:30

Филмот ќе се снима пет недели на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче.

Почна да се снима „Кајмак“, седмиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмот ќе се снима пет недели на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче.

„Лето е преубава работа. Жешко лето е уште поубава. Жешко лето кога се снима најубава. Со ваков супериорен актерски тим и топ екипа му нема крај на меракот“, изјави режисерот Манчевски.

„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината. По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Станува збор е европска копродукција во која поголем дел од финансиите доаѓаат од странство - 52 проценти од средствата доаѓаат од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48 проценти од Македонија (од Агенцијата за филм на Северна Македонија). Македонската Радио Телевизија е копродуцент. Кајмак доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, што е огромна потврда за вредноста на проектот. Во екипата се вклучени и филмски работници од Англија, Италија и Србија.