Тече вакцинацијата на наставниот кадар
Вработени во над 20 основни и средни училишта во североистокот примиле вакцина против Ковид 19, информираат од кумановскиот Здравствен дом. Од училиштата потврдуваат дека е голем интересот кај наставниот кадар за имунизација, со цел од септември безбедно да се реализира наставата со физичко присуство.

Успешно се реализира вакцинацијата на наставниот кадар во североисточниот регион. На вакциналниот пункт во Куманово веќе се имунизирани вработени од над 20 основни и средни училишта од шестте општини. Од Здравствениот дом информираат дека немаат точна бројка на вакцинирани наставници, но велат интересот е голем. На овој пункт веќе се имунизирани над 21.000 граѓани.
„Досегашниот тек на вакцинација во нашиот пункт се одвиваше и течеше во најдобар ред. Досега се вакцинирани граѓани од регионот, од повеќето општини. Ги вклучивме и наставниците од средните и основните училишта кои беа доста заинтересирани да се вакцинираат“, нагласи Монализа Мемети, докторка Здравствен дом Куманово.
Од гимназијата „Сами Фрашери“ посочуваат вакцинацијата е единственото нешто со што ќе се олесни реализацијата на наставата со физичко присуство, и наставниците тоа го прифатија. Во ова училиште веќе се имунизирани над 90 проценти од вработените. Тие се надеваат дека учениците во септември ќе се вратат во училишните клупи, иако условите не дозволуваат целосно исполнување на донесените протоколи.
„Има технички проблеми, со влезот, излезот но само заради тоа не можеме да кажеме дека не можеме да почнеме настава со физичко присуство. Со сите капацитети, наставници и техничкиот персонал ќе направиме подготовка во септември наставата да почне со физичко присуство. Воглавно ние ќе ги исполниме условите да почнеме настава со физичко присуство“, вели Абдула Муадини, заменик директор гимназија „Сами Фрашери“ Куманово.
Министерството за здравство најави дека во игра се две сценарија, настава со физичко присуство со поделба во групи, или онлајн, зависно од епидемиолошката состојба.
Елена Георгиевска
