Народна банка

Растот на цените е привремен, го движат поскапувањата на енергенсите

06.07.2021 14:54

Централната банка ќе ги преземе сите мерки за да ја задржи ценовната стабилност. Растот на цените е привремен и го движат поскапувањата на енергенсите- вели гувернерката Бежовска. Годинава се очекува стабилизација на инфлацијата, а в година, и нејзино враќање во нормални рамки- заеднички е ставот со хрватскиот гувернер Вујчиќ...

Централната банка ќе ги преземе сите мерки што ги има на располагање за да ја задржи ценовната стабилност во земјава, најави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. Според неа инфлацијата е во умерени рамки,а ова ценовно раздвижување ќе се стабилизира наредната година затоа што инфлацијата ја движат глобални фактори,пред се растот на цената на нафтата и на другите енергенси.

„Според меѓународните институции се очекува дека ова забрзување на инфлацијата оваа година ќе се стабилизира и веќе наредната година се очекува инфлацијата да биде поумерена,односно пониска од оваа година.Се разбира ценовната стабилност е наша основна цел.Ние будно ги следиме сите движења и доколку има потреба за соодветна реакција за задржување на ценовната стабилност не треба да имате никаква дилема дека Централната банка ќе ги преземе сите неопходни и потребни мерки“, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска- Бежоска.

Хрватскиот гувернер Борис Вујчиќ смета дека во земјава не се случува ништо поразлично во однос на инфлацијата во другите земји. Повикува на внимателност и на следење на податоците за третиот и четвртиот квартал што ќе покажат дали сегашните ценовни движења се од времен карактер.

„Засега основните очекувања и во Хрватска и во случајот на Македонија и на Европската централна банка и американскиот ФЕД се дека ова е привремен раст на цените и дека нема да продолжи. На берзите започна намалување на цената на нафтата.Од друга страна не гледаме дека има некој силен притисок на пазарот на труд за раст на платите.Тие не растат позначајно, така што тоа не би требало да се прелее во дополнителен раст на побарувачката“, рече Борис Вујчиќ- гувернер на Народна банка на Хрватска.

Вујчиќ препорачува периодот на заздравување на економијата од глобалната пандемија кога дојде до сериозно зголемување на буџетските расходи за поддршка на стопанските субјекти и населението, државите да го искористат за намалување на јавниот долг во однос на БДП.Досега Хрватската народна банка активно поддржа 12 значајни проекти во повеќе области важни за централно банкарското работење,а особено е значајна поддршката во Виенската иницијатива со која претседава гувернерот Вујчиќ,изјави гувернарката Ангеловска-Бежоска при потпишувањето на меморандумот за динамизирање на успешната соработка меѓу двете Централни банки.

 

Свето Николовски