Продолжува расправата за ребалансот на Буџетот

07.07.2021 09:31

За власта, ребалансот е развоен, со повеќе пари за стабилизирање на економијата, а за опозицијата е расипнички, со повеќе пари за предизборен поткуп и партиски вработувања.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот. Дебатата почна на 1 јули, а Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2021 година го образложи заменик министерот за финансии, Димитар Ковачески.

За власта, ребалансот е развоен, со повеќе пари за стабилизирање на економијата, а за опозицијата е расипнички, со повеќе пари за предизборен поткуп и партиски вработувања.

Заменик-министерот рече дека Предлог-ребалансот заслужува конструктивна диксусија базирана на аргументи. Тој ги повика сите пратеници да го поддржат. Клучни сегменти се, напомена, зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството, а приоритет остануваат здравјето на граѓаните, здравата економија и здравите финансии.

Со ребалансот, приходите се проектирани на 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 гоидна, што, според предлагачот, се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарда денари, односно 6,5 отсто од БДП. Зголемување има и кај капиталните расходи за 6,5 милијарди днеари и се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари. Нивното учество во вкупните расходи на Буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 отсто што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.