Битиќи: Законот за отпис на камати ќе им помогне на повеќе од 150 илјади граѓани

07.07.2021 12:24

Начинот на спроведување на законот за отпис на камати е направен така да не се даде можност на некого дали тоа ќе се случи или не, туку има законски одредено време...

Сметам дека во овој период особено во период после пандемијата со Ковид-19 и тoa како е важно да биде донесен законот за отпис на камати затоа што навистина ќе им помогне на повеќе од 150 илјади граѓани, изјави денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата на која беше презентирана бескаматната кредитна линија Ковид 4.

Секако, вели тој, крајниот ефект од оваа мерка, ќе го видиме откако ќе почне спроведувањето.

Начинот на спроведување на законот за отпис на камати е направен така да не се даде можност на некого дали тоа ќе се случи или не, туку има законски одредено време, односно 90 дена од стапување на сила на законот дека мора во суштина да се повикаат сите физички лица кои должат по основ на одредена давачка или данок и да се направи репрограм на основниот долг и отпис на каматата по основ на тој долг кој го имале без разлика на која институција, дали на локално, национално ниво, УЈП или други форми на органи на управа и затоа сметам дека колку побрзо се донесе законот, ќе зборуваме за навистина позитивни ефекти затоа што сметам дека сите заслужуваат после пандемијата да почнат еден нов момент во нивниот живот, рече Битиќи.

Во овој момент опфатот од оваа мерка е над 150 илјади лица. Ова, потсетува Битиќи, не значи дека ќе има отпис на долговите или отпис на главниот долг.