Нови заразени со делта сојот, ќе се вакцинираат и деца
Досега потврдени десет случаи на заразени со делта сојот на коронавирусот. Позитивни се резултатите кои се чекаа. Неделава, нов состанок на Комисијата за заштита од заразни болести. Властите повикаа на масовна вакцинација, од понеделник со „Фајзер“ ќе се вакцинираат и деца на возраст од 12 до 16 години...

Утврдено е присуство на делта сојот кај уште четворица пациенти за кои се чекаа резултати. Еден од нив е со потешка, другите се со лесна клиничка слика. Министерот Филипче уверува дека епидемиолошката состојба е стабилна, болните немале многу контакти. Сепак, се размислува за нови мерки. За да се спречи појава на нов силен бран, од понеделник ќе се вакцинирааат и деца од 12 до 16 годишна возраст. Имунизацијата ќе се спроведува со дози на „Фајзер“.
Според професорот Димовски од Македонската академија за науките и уметностите, каде што се врши секвенционирање на индискиот сој, борбата со коронавирусите ќе биде непредвидлива и во наредниве две години. Постојаната мутација ќе создава нови типови на вируси.
Индискиот сој на вирусот веќе следниот месец би можел да стане доминантен во земјава, предупредува доктор Злате Мехмедовиќ. Тој вели дека подготвеноста на здравствениот систем и вакцинацијата се клучни за ефикасност во борбата со Ковид-19.
Вкупната бројка на вакцинирани до средината на овој месец се очекува да достигне 500 илјади. В четврток треба да пристигне нова пратка од 10 илјади дози „Астра Зенека“ од Грција.
Дијана Ценевска
