На Конвенција во Скопје се претстави претседателскиот кандидат на СДСМ
Според Пендаровски, поделбите се најголемиот непријател на државата. Ветува дека ќе застане на патот на поделбите и активно ќе работи на обединување на луѓето околу заедничките цели. Вели дека нормално е Македонија да биде членка на Европската Унија и на НАТО...

Кандидатот за претседател предложен од СДСМ Стево Пендаровски образложувајќи ја својата програма,рече дека според начелата се обврзува да биде адвокат на граѓанскиот интерес, без да ги двои граѓаните по етничка, верска или партиска припадност.
„Некои проблеми се жешки, некои изгледаат нерешливо , некои можеби ќе ме доведат во судир со интересите на поединци или групи, но, тоа нема да ме уплаши да се фатам во костец со проблемите, затоа што само нивното решавање може да ја носи државата напред“-рече Пендаровски.
Според Пендаровски, поделбите се најголемиот непријател на државата. Ветува дека ќе застане на патот на поделбите и активно ќе работи на обединување на луѓето околу заедничките цели. Вели дека нормално е Македонија да биде членка на Европската Унија и на НАТО.
Истакна дека политичарите во Македонија треба да ги договорат стратегиските принципи на државата, а членството во ЕУ и во НАТО се приоритет.
„Тоа не може да го реши еден човек или една партија. Треба да ги утврдиме нашите црвени линии од кои не отстапуваме“, порачува Пендаровски.
Пред членовите и симпатизерите на социјал-демократскиот сојуз кандидатот за претседател, рече дека целта која сака да ја постигне е демократските вредности, достоинството и граѓанските слободи, владеењето на правото и враќањето на Македонија во иднината да ги претвори во конкретни политики.
Пендаровски во својата програма нагласува и дека независно кои партии ќе ја сочинуваат владината коалиција, тој нема да биде машина за потпишување укази за законите изгласани од мнозинството. Вели дека ќе се спротистави секогаш кога ќе бидат повредени начелата духот и нормите на уставот. Ќе се залага да го зголеми меѓународниот углед на земјата.
Делбите треба да престанат порачува претседателскиот кандидат на Социјалдемократите. Да се биде врховен командант значи најмногу од се да се биде чувар на мирот,тоа е еден од столбовите за мојата визија за претседател, рече Пендаровски пред членовите и симпатизерите на СДСМ.
Не го прифаќа мерилото за успешност на претседател ако нема крупен скандал или афера, туку за Пендаровски мерило ќе биде колку придонел во решавањето на проблемите во државата. Нагласи дека ќе биде претседател на сите во Македонија, при тоа потенцирајќи дека државата заслужува да се споредува со светот а не со самата себе. Ќе се залага младите да не ја напуштаат земјата. Според него,правосудството мора да обезбеди правда , а не да сее страв. Истото важи и за полицијата и за сите институции на власта.
На Конвенцијата во Универзалната сала говореа сопругата на Пендаровски, негови пријатели, познаници, но, не и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Милчо Велески
