Ковид-19

Регионот под закана од ширење на делта сојот

08.07.2021 13:18

Регионот под закана од ширење на делта сојот. Србија пред нов бран, Грција најавува рестрикции, на забава во Атина заразени стотина луѓе. Епидемиолозите предупредуваат- без масовна имунизација, ќе се полнат болниците...

Регионот во опасност од забрзано ширење на делта- мутацијата на новиот коронавирус. Србија пред нов бран на Ковид-19. Властите апелираат да се зголеми стапката на вакцинација на населението.

„Со толку низок процент на имунизација на младите и со делта сој што ќе ја покаже својата сила само за еден месец или два, едвај можеме да чекаме мирна есен и неизбежен е четвртиот бран, што веројатно ќе дојде пред есента“, ијзави Мирсад Џерлек, генерален секретар во Министерството за здравство на Србија.

Предусловите за патување во Грција остануваат непроменети и се продолжени за уште една седмица. Во екот на летната сезона, Грција очекува висока стапка на вакцинирани. Неодамна на забава во Атина биле заразени околу стотина млади луѓе и поради тоа биле објавени нови ограничувања за угостителските објекти.

„Целосно сме вакцинирани, со две дози на „Фајзер“. Патуваме без проблеми.“

„Ни ги побараа потврдите за вакцина, личните карти и ни посакаа среќен пат.“

Имунизацијата е сериозен предизвик и за другите земји во регионов. Во Хрватска зголемен број на заразени со делта-мутацијата, а намален интерес за вакцинирање. Новата варијанта е регистрирана и во Албанија, Босна и Херцеговина и Бугарија.

СЗО со песимитични прогнози.

„Веќе го надминавме трагичниот праг од четири милиони смртни случаи. Некои земји со висок процент на вакцинирани планираат да воведат дополнителна доза и почнуваат да ги укинуваат мерките како да завршила пандемијата. Меѓутоа, поради брзите мутации и шокантната нееднаквост во вакцинирањето, многу од нив во секој регион од светот, се соочуваат со драстичен раст на заразени и хоспитализирани“, изјави доктор Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

СЗО им порача на богатите земји да не почнуваат веднаш со  вакцинација на децата, туку да донираат дози за помасовна имунизација во сиромашните земји.

 

Маја С. Филдишев