Земјоделство

275 барања за процена на штетите од невремето во прилепско

08.07.2021 14:07

Во прилепско комисиите се на терен за процена на штетите од невремето минатиот месец. Зафатени се големи површини, најмногу со жито, градинарски култури и тутун. Надлежните апелираат и на едукација на земјоделците за осигурување на родот, зашто климатските промени речиси секоја година прават штети на производството...

275 барања за процена на штетите поднесоа земјоделците во Прилепско и уште 370 во Кривогаштанско од невремето што го зафати регионот на 21 минатиот месец. Комисиите интензивно се на теренот. Велат, земјоделците реално пријавиле, штетите се од 40 до 80 насто, најмногу кај житните, градинарските култури и тутунот. Зафатени се големи површини, а невремето речиси секоја година ги погодува атарите на Тополчаноско, Канатларци.

Поради нерешени имотно правни односи 20 до 30 насто земјоделци не можеа да ги пријават штетите. Голем проблем е и што не го осигуруваат родот зашто климатските промени се почесто прават штети.

Проценките треба да завршат до крајот на месецов, а извештајот од општинскиот совет треба да стигне до второстепената владина комисија. Штетите се проценија и во Кривогаштанско.

 

Елизабета Митреска