Филипче: Епидемиолошката состојба е стабилна, нема потреба од нови рестрикции
Епидемиолошката состојба е мирна, засега нема потреба од воведување на рестриктивни мерки поради делта сојот, велат здравствените власти. Утре Комисијата за заразни болести ќе разговара дали ќе има препораки за влез во државата. Единствена заштита од вирусот е масовната вакцинација, апелира министерот Филипче. Смета дека треба да се вакцинираат и децата бидејќи тоа е единствениот начин да стигнеме до колективен имунитет...

Епидемиолошката состојба во земјава е стабилна и засега нема било каква одлука за воведување на рестриктивни мерки поради индискиот сој на коронавирусот при влез во нашата држава. Некои земји во регионот имаат воведено рестрикции но сепак имаат зголемување на случаите, поради што во текот на неделава ќе се разговара дали и какви рестриктивни мерки треба да се воведат, а кои навистина ќе бидат ефикасни. Ова во Охрид го рече министерот за здравство Венко Филипче при што нагласи дека сега во фокусот на лекарите е кон искуствата со индискиот сој на вирусот во земјите каде има повеќе заразени.
„Тоа што сеуште не се знае, а чекаме да излезат публикации , последните се од некои списанија од Велика Британија поради тоа што таму имаше најмногу случаи информациите во врска со тежината на клиничката слика, односно да видиме како се однесува овој вирус кај луѓе кои што се или не се вакцинирани. И затоа акцент ставаме што поголем број граѓани да се вакцинираат поради тоа што после оваа мутација може да дојде некоја друга“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Министерот Филипче смета дека треба да се вакцинираат и децата бидеќи тоа е единствениот начин да стигнеме до колективен имунитет.
„Има некои земји кои го воведуваат тоа вакцинирање дури и како задолжително , односно нема да ги примаат децата во училиштата доколку не се вакцинирани. Тоа некаде е политика во западноевропските земји, кај нас нема да биде задолжителна вакцината“, вели Филипче.
Во однос на препораките и ограничувањата во затворен и на отворен простор тие засега нема да се менуваат бидеќи на тој начин животот се враѓа во нормала, но состојбата внимателно ќе се следи.
Сашо Нелоски
