Шириќ падна во „Офсајд“, ќе заглави четири години во затвор
Поранешниот познат хрватски меѓународен фудбалски судија и своевремено потпретседател на Фудбалскиот Сојуз на Хрватска Жељко Шириќ е осуден на четири години затвор, откако беше на Жупанискиот Суд во Загреб го прогласи виновен за корупција во тамошната прва фудбалска лига.

Во текот на деветмесечниот процес, тој се соочи со повеќе обвиненија, меѓу кои најтешкото беше дека од бившиот претседател на Хајдук Хрвоје Малеш примил 30 илјади евра поткуп за „чесно“ судење. Освен казната којашто ќе мора да ја издржи зад решетки, Шириќ не ќе смее да извршува никаква фудбалска функција во наредните осум години.
Покрај Шириќ, условна казна од десет месеци затвор доби и некогашниот секретар на фудбалскиот клуб Карловац Невен Шпрајцер, којшто од позиција на секретар на Здружението на прволигаши договорил со Шириќ за одредена сума поткуп да му обезбеди „чесно“ судење и на неговиот клуб.
Истрагата за наместени прволигашки натпревари во Хрватска и за поткуп на судиите почна уште во 2011, а главната улога ја имаше тогашниот прв човек на Хајдук, Малеш. Тој му дал на Шириќ обележани 30.000 евра, како дел од договорените 95.000 евра, колку што наводно биле побарани за „чесното“ судење. Веднаш по земањето на парите, Шириќ и поранешниот претседател на судиската комисија Стјепан Ѓедовиќ биле уапсени од УСКОК (Канцеларијата за борба против корупција и оргамнизиран криминал). Постапката за Ѓедовиќ се води посебно, откако во меѓувреме тој доживеал мозочен удар.
Нивното апсење беше дел од антикорупциската акција „Офсајд“, во рамките на којашто се истражуваше местење на дванаесет прволигашки средби.
