Касарните во Петровец и Куманово ќе се греат на природен гас
Две големи касарни на Армијата, касарните во Петровец и во Куманово ќе започнат со кристење на природен гас за загревање наместо мазут, за што се потпишани договори со две домашни компании, објави денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Од мазут на природен гас- министерката за одбрана Шекеринска најави замена на енергенсот што ќе се користи за затоплување на касарните во Петровец и Куманово. Со промената на начинот, од министерството велат дека ќе се влијае врз зачувувањето на животната средина, поради чистотата на енергенсот, а истовремено се намалуваат и финансиските средствата.
„Тоа го правиме и за да ја модернизираме Армијата и нејзините објекти, меѓутоа пред сè да ги заштитиме граѓаните во општините во кои имаме касарни, а во кои загадувањето сè повеќе и повеќе станува прашање на кое што му обрнуваме внимание. Како и секоја закана, и оваа може да се превенира и буквално ова што денеска го почнуваме е во таа насока – да го намалиме загадувањето за да ја намалиме на некој начин енергијата која што влијае на климатските промени“, изјави министерката Шекеринска.
Министерството за одбрана потпиша и договори со две домашни компании, по што во двете големи касарни ќе се заменува досегашниот систем за греење.
Според Шекеринска, во наредните три години интензивно ќе се вложува во инсталирање на фотоволтаици во касарните.
Марина Стојанова Тонева
