Јунајтед на патот на Сити, Баерн Минхен пред промоција
Олд Трафорд вечер ги отвора вратите за нова врвна фудбалска возбуда. Манчестер Јунајтед го пречекува шампионски настроениот Манчестер Сити.

Тоа ќе е 166-та соседска пресметка. Може ли Јунајтед да му застане на патот на Сити во отворената амбицираност да ја освои Премиер лигата? Традицијата е на страната на „црвените ѓаволи“- 69 пати досега победувале низ вековното соочување. Но, затоа пак „сините“ од спротивниот дел на Манчестер имаат убави скорешни сеќавања. На последните пет мечеви четири пати победувале. Последните две битки на Олд Трафорд ги завршија со високо кренати раце. Јунајтед минува низ резултатска агонија. Малку светлина донесе подвигот над Олимпијакос во Лигата на шампионите, кога атинските 0:2 ги претвори во вознесувачки 3:0. Сити го заврши европскиот пат надигран од Барселона, но одлично чекори во Премиер лигата. Тоа во саботата го почувствува и Фулам, декласиран со 5:0. На лицето на Дејвид Мојес само за миг се врати насмевката по завршувањето на европската драма и по победата над Вест Хем, но неговите неволји продолжуваат. Повредите ги мачат Фан Перси, Валенсија, Фердинанд, Смолинг, Еванс... Видиќ е суспендиран. Пељегрини ја „прежали“ Европа, па освојување на Премиер лигашкиот врв е големиот приоритет. Има одлични шанси! Три бода е дефицитот во однос на Челзи, но со три помалку одиграни натпревари во однос на лидерот на табелата.
Баерн Минхен следниот вторник ќе истрча на Олд Трафорд во првото ¼ финале од Лигата од шампионите. Германскиот гигант вечер е со поинакви, со слатки грижи! Дали на крајот од денот 24-та шампионската ѕвездичка ќе блесне крај најголемото име на германскиот фудбал? Баерн ќе истрча во Берлин против Херта со огромна бодовна залиха во однос на второпласираната Борусија од Дортмунд. Со победа на Олимпискиот стадион, седум кола пред крајот, Баерн ќе ја обезбеди новата титула. Никој не верува во поинаков епилог, освен победнички за Баварците. А, најмногу Пеп Гвардиола, освојувачката мисија продолжува.
