Економија

Најави за нови странски инвестиции во земјава

09.07.2021 14:26

Нова фабрика за чипс во Македонија, најава од Агенцијата за странски инвестиции. Директорот Павлевски тврди- се преговара и со компанија од автомобилската индустрија, која најавува милионски вложувања и над илјада вработувања...

Освен инвестициите на Хура, Кемет и Леар што се веќе во тек, има интерес за инвестирање во земјава од повеќе странски компании. Агенцијата за странски инвестиции има контакти со неколку странски компании заинтересирани за финансирање на проекти во земјава,најави директорот Дејан Павлески.

„Може да најавам една нова фабрика за чипс, прва од тој вид во земјава.Имаме една компанија што ќе инвестира во Битола во проширување на своите капацитети со над 100 нови вработувања, инвестиција од 5 милиони евра. Интересно е што ќе го развиваат својот ‘Research and development center’, на светско ниво токму тука во земјава. Имаме преговори со една компанија во делот на автомобилски делови ,инвестиција од повеќе милиони евра, со над 1.000 вработувања“, изјави Дејан Павлески, директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

Павлески вели дека економијата се враќа во нормални текови и до крајот на годината ќе отпочне со работа една компанија во делот на услуги и сервиси , со околу 500 нови вработувања и со солидни плати.

Сепак се зависи од светските случувања и од пандемијата на глобално ниво ,вели Павлески,најавувајќи можност македонските компании за првпат да можат бесплатно да аплицираат за наградите „Go global“ што ги доделува Меѓународниот трговски совет. Станува збор за признанија на компании за деловни достигнувања во конкуренција на фирми од 176 земји ,што практично го отвора патот за директен влез на светскиот бизнис и пристапот до уникатни меѓународни платформи.

 

Свето Николовски