Институциите да ги заштитат нашите права- апелираат текстилните работнички од „Алконтекс“
Статусот на осумдесетина работнички од текстилната компанија „Алконтекс“ од Штип се уште е недефиниран. Три месеци се на принуден одмор без никаков надомест. Фирмата е згасната, регистрирана е нова, раководството и дејноста се исти, но обврските кон работничките со децениски стаж, не се признаваат...

Фирмата која во април ги испратила на принуден одмор веќе не постои, и нема исплатено надомест за три месеци. Регистрирана е нова фирма, од каде вчера им бил понуден избор или да потпишат договор на одредено и да заборават на побарувањата од старата фирма, или сами да си дадат отказ, при што не би имале право на надомест како невработени. За осумдесетина работнички овие опции се неприфатливи.
Згаснувањето фирми со долгови и отворање нови со иста дејност е раширена појава која институциите мора да ја санкционираат, сметаат од „Гласен текстилец“.
Со децениски стаж во компанијата, на чекор до пензија, со мали деца и без здравствено осигурување – се дел од проблемите на работничките.
Став за актуелната состојба побаравме и од управителите на двете компаниии, но беа недостапни за медиумите.
Славица Величковска
