Енергетика

Потпишан догворот за изградба на интерконекторот за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија

09.07.2021 15:18

Изградбата на интерконекторот има за цел да ги зајакне односите помеѓу Северна Македонија и Грција и Европската Унија, да ја олесни трговијата со природен гас помеѓу двете земји, како и да овозможи и понатамошен развој на мрежата за пренос на гас на Република Северна Македонија...

Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас, денеска во Атина го потпишаа Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија.

Со потпишувањето на овој Договор се гарантира намерата на Владите на двете земји да ја прошират постоечката соработка во енергетскиот сектор, со цел да ја зајакнат соработката во секторот за гас преку промовирање на интерконекцијата на нивните гасни системи.

„Ова е многу важно не само за односите меѓу двете држави кои секојдневно се подобруваат, ова е важно посебно за економијата во нашата држава имајќи во предвид дека ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании, ќе бидат намалени цените во делот на природниот гас, а секако ќе ни даде и дополнителна можност за тоа да го продолжиме и кај нашите северни соседи како што се Република Косово и Република Србија“, кажа министерот Бектеши по потпишувањето на Договорот.

„Ова е важен договор, ќе се создадат илјадници работни места за време на изградбата. Околу 110 милиони евра ќе чини изградбата на овој важен проект, што ќе ги обедини двата системи за природен гас на двете држави и секако, откако ќе почне со работа, овој гасовод многу ќе помогне во дополнителниот развој на нашите економии“, изјави министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас.

Вкупната вредност на овој проект изнесува околу 100 милиони евра. Од овие средства инвестицијата на Северна Македонија изнесува 54 милиони евра.