Куманово

Од понеделник почнува теренската вакцинација

09.07.2021 16:02

Екипи на кумановскиот Здравствен дом ги прават последните подготовки од понеделник да започне масовната теренска имунизација. Согласно планот ќе се опфатат руралните подрачја во кумановско, липковско и Старо Нагоричане.

Здравствениот дом од Куманово се подоготвува од понеделник да ја започне теренската вакцинација во североистокот. Како што информираат од оваа здравствена установа, ќе бидат опфатени речиси сите села во кумановско, липковско и Старо Нагоричане. Ќе се отворат посебни пунктови за масовна вакцинација, кои ќе функционираат во една смена, од 08 до 14 часот. Согласно планот, возрасните ќе се имунизираат со АстраЗенека, а помладите со Синовак.

„Како Здравствен дом ги правиме последните подготовки за почнување со процесот на масовна имунизација на терен. Почнувајќи од понеделник, 12 јули нашите екипи ќе бидат во Слупчане, Опае, Оризаре, Старо Нагоричане, Челопек, Алгуња, Драгоманце и Пелинце“, изјави Валдрим Мифтари, координатор на пункт Куманово.

Вакционалниот пункт во Куманово продолжува со работа во една смена. Во тек е вакцинацијата на наставниот кадар од североистокот, а се имунизираат и вработените во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“. Во Куманово досега се вакцинирани над 22.000 граѓани, а двете дози на вакцини примиле 16.300 лица. Последниов период значајно е намален бројот на новозаболени од коронавирусот. Модуларната болница е затворена, за третман на новозаболени продолжи со работа ковид 1 одделението, сместено на инфективниот оддел.

 

Елена Георгиевска