Вакцинација против Ковид-19 од утре без закажан термин
Граѓаните кои немаат закажано термин, првата доза вакцина ќе може да ја примат во пунктовите во здравствените домови, болници или поликлиники во градовите, односно во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи. Во спортските сали, ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина...

Почнувајќи од утре граѓаните ќе може да се вакцинираат за Ковид-19 без да закажат термин за вакцинација, информира Министерството за здравство. Граѓаните кои немаат закажано термин, првата доза вакцина ќе може да ја примат во пунктовите во здравствените домови, болници или поликлиники во градовите, односно во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи.
Во спортските сали, ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина. Вакциналните пунктови во јавните здравствени установи, ќе имаат работно време, кое е објавено на вратите од здравствените установи.
Во Скопје вакцинарање без закажан тремин, ќе има во Поликлиниките Јане Сандански, Букурешт и Чаир, кои ќе работат од 7.30 до 19.30 часот. Од утре ќе се отвори и нов вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7.30 до 14.30 часот.
За вакцинација, доволно е само желба и задолжително документ за лична идентификација, за здравствените работници да ги запишат вашите податоци и да бидете евидентирани во ситемот Мој Термин- велат од ресорот здравство.
Министерството за здравство најавува дека од утре започнува и теренската имунизација, Процесот за теренска вакцинација е организиран, здавствените домови од секој град, во соработка со локалната самоуправа, месните заедници со помош на локани медиуми, плакати, ги информираат граѓаните за денот и часот , во кое село, населба, рурално населено место ќе се врши вакцинација.
Секој граѓанин кој сака да се вакцинира со себе треба да има важечки документ за идентификација. Министерството за здравство ги повикува граѓаните да се вакцинираат, сите вакцини кои ги имаме кај нас се безбедни и ефикасни. Сите вакцини спречуваат тешки симптоми или смрт од корона вирусот.
